Вонбрачна заедница – право на сопственост над имот стекнат во вонбрачна заедница

1,118

Алмира е 35 годишна жена, мајка на две малолетни деца, која во изминатите 12 години непрекинато живеела во вонбрачна заедница со Ахмет (37 години). За времетраењето на вонбрачната заедница, Ахмет и Алмира стекнале имот – семејна куќа и два автомобили. Сите стекнати ствари во документите за сопственост се водат на име на Ахмет. Поради нарушување на семејните односи Алмира и Ахмет одлучуваат да ја прекинат заедницата, при што Ахмет и кажува на Алмира дека треба да ја напушти „неговата куќа“, заедно со двете деца. Тој притоа и кажува дека токму ова е причината што тој не сакал да склучи граѓански брак со неа за време на сите овие години, за да не може еден ден таа „да му ја земе куќата“.

Алмира нема каде да оди, бидејќи во градот во кој живеат нема поблиски роднини, а притоа е невработена и нема редовни приходи за да може да плаќа закупнина на стан. 

Право на сопственост на имот стекнат во вонбрачна заедница

Законот за семејство во чл. 13 ја уредува вонбрачната заедница на следниот начин:

  • Заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница.

Понтаму, конкретно во однос на стекнатиот имот за времетраењето на вонбрачната заедница, Законот за сопственост и други стварни права во чл 81 предвидува дека:

  • Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивен заеднички имот. Во поглед на управувањето и располагањето, утврдувањето на деловите на имотот стекнат во вонбрачната заедница и при делбата на имотот во вонбрачната заедница соодветно се применуваат одредбите на овој закон за заедничкиот имот на брачните другари.

Истиот закон, во делот на распределба на имот на брачни другари(чл. 74 и 75), што соодветно се применува и на распределба на имот на вонбрачни другари предвидува дека:

  • За време на траењето и по престанокот на бракот брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот.
  • Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден од брачните другари, судот ја врши во вонпарнична постапка. При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови. По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.

Заклучок

Правото на заедничка сопственост над имот стекнат за времетраење на заедницата го имаат како брачните така и вонбрачните другари, без разлика чие име е впишано во имотните документи. Фактот што една заедница не е формално регистрирана како брак не му дава за право на ниту еден од партнерите да го просвои целиот имот стекнат додека траела таа заедница. Вонбрачниот другар (партнер) чие име не е впишано во имотните документи, има право во вонпарнична постапка да бара делба на заеднички стекнатиот имот.