Развод на брак

15,621

Тамара живееше во брачна заедница со својот сопруг повеќе од 3 години. Во текот на бракот добија син кој сега е на возраст од 2 години. Поради несогласувања во бракот Тамара и нејзиниот сопруг решија да се разделат. Помина повеќе од една година откако Тамара и нејзиниот сопруг не живеат заедно и таа сака и официјално да се разведат.

  • Кои се начините за престанок на бракот?

Согласно Законот за семејството бракот престанува

  1. со смрт на еден од брачните другари
  2. со прогласување на исчезнатиот брачен другар за умрен
  3. со поништување и
  4. со развод на бракот

Развод на брак

  1. Бракот може да се разведе со заемна согласност на брачните другари. Ако брачните другари имаат заеднички малолетни деца или полнолетни деца над кои им е продолжено родителското право, потребно е да поднесат спогодба за начинот на вршењето на родителските права и должности и за издржувањето и воспитанието на децата.
  2. Бракот може да се разведе по барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив.
  3. Брачниот другар може да бара развод на бракот ако брачната заедница фактички престанала подолго од една година.
  • Како треба да ја започне постапката Тамара?

Доколку Тамара и нејзиниот сегашен сопруг се согласни нивниот брак да се разведе, како и доколу успеат да се договорат околу тоа кај кој од нив ќе припадне детето и која висина на алиментација ќе ја исплаќа другиот родител тогаш треба двајцата заеднички да поднесат тужба со спогодбен предлог за развод на бракот.

Доколку не успеат да се договорат за спогодбен развод Тамара треба да поднесе до надлежниот основен суд тужба за развод на брак поради фактички престанок на брачната заедница подолго од една година.

Во вториот случај пред доставување на тужбата за развод на брак поради фактички престанок на брачната заедница подолго од една година до спротивната страна – тужениот (сегашен сопруг) се спроведува постапка за мирење на брачните другари.

Во случај брачните другари да не се помират примерок од тужбата се доставува до тужениот и постапката продолжува пред надлежниот основен суд се до донесување на пресуда. Правосилната пресуда за развод судот ја доставува до органот на управата надлежен за водење на матична книга на венчаните најдоцна во рок од 30 дена заради упис на промените, како и до центарот за социјална работа, ако во бракот имаат малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право.

Постапката за мирење на брачните другари НЕМА да се спроведе ако:

1)еден од брачните другари е неспособен за расудување;

2)еден или обата брачни другари живеат во странство;

3)едниот брачен другар е со непознато место на живеење подолго од шест месеци и

4) по противтужба за развод на брак, без оглед кога е таа поднесена, а обидот за мирење на брачните другари по тужбата завршил безуспешно.

Во споровите за развод на брак тужителот (во конкретниот случај Тамара, ако поднесува тужба за развод на брак) може да ја повлече тужбата до заклучување на главната расправа, без согласност на тужениот (нејзиниот сегашен сопруг), а со согласност на тужениот (сегашен сопруг) додека постапката правосилно не е завршена.

Откажување од тужбеното барање има правно дејство како повлекување на тужба.