Здравствена заштита

  • ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА опфаќа систем на општествени и индивидуални мерки, активности и постапки за:

– зачувување и унапредување на здравјето,

– спречување, рано откривање и сузбивање на болести, повреди и други нарушувања на здравјето предизвикани од влијанието на работната и животната средина,

– навремено и ефикасно лекување и – здравствена нега и рехабилитација

  • ЈAВНО ЗДРАВЈЕ е систем од знаења и вештини за спречување на болести, продолжување на животот и унапредување на здравјето преку организирани напори на општеството
  • АКУТЕН ТРЕТМАН е здравствен третман на ненадејна болест, повреда или ненадејно влошување на хронична болест
  • АКУШЕРСКА НЕГА е третман на жените во текот на бременоста, породувањето и периодот по породувањето, како и на новороденчето и доенчето од страна на акушерки со цел за зачувување или постигнување нивно најдобро здравје, како и работа во определени области на гинекологијата и планирањето на семејството
  • ВИД НА ЗДРАВСТВЕНА ДЕЈНОСТ, ОДНОСНО СПЕЦИЈАЛНОСТ е потесна област на здравствената дејност, односно специјалност на определено ниво на здравствената заштита
  • ДНЕВНА БОЛНИЦА е начин на третман на пациентот, според кој за здравствените услуги за дијагностика, терапија, нега и рехабилитација кои се вршат на секундарно ниво не е потребен престој во болница не подолг од 8 часа дневно
  • ДОГОВОР СО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА е договор меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и здравствената установа во мрежата, со кој тие се договараат за обемот и видот на здравствените услуги кои здравствената установа во мрежата ќе ги изврши во определен период, согласно со прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување
  • ЗДРАВСТВЕН РАБОТНИК е лице кое врши здравствени услуги во спроведувањето на определена здравствена дејност и е запишано во регистарот на здравствените работници
  • ЗДРАВСТВЕН СОРАБОТНИК е лице со високо образование кое самостојно врши определени работи во здравствената дејност во соработка со здравствените работници
  • ЗДРАВСТВЕН ТРЕТМАН се здравствени услуги кои целосно покриваат одделни потреби на пациентот во областа на спречувањето, лекувањето и рехабилитацијата на болестите и повредите или зачувувањето на менталното и физичкото здравје
  • ЗДРАВСТВЕНА НЕГА е дејност која го третира поединецот, семејството и неговото опкружување во услови на здравје и болест, со цел да се постигне што е можно повисок степен на здравје и за да им се овозможи на пациентите независност при извршувањето на основните животни функции, унапредување на нивното здравје, негување на болните и учествување во процесот на лекување, рехабилитација и палијативна нега
  • ЗДРАВСТВЕНА ТЕХНОЛОГИЈА се сите здравствени методи и постапки кои можат да се користат заради унапредување на здравјето, превенцијата, дијагностиката и лекувањето на болестите, повредите и рехабилитацијата, кои опфаќаат безбедни, квалитетни и ефикасни лекови и медицински помагала, медицински процедури, како и услови за укажување на здравствената заштита
  • ЗДРАВСТВЕНА УСЛУГА е одделна активност или постапка во рамките на здравствениот третман на пациентите што ја вршат здравствените работници
  • ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ е укажување итни здравствени услуги чие неизвршување за кусо време би можело да предизвика непоправливо и тешко оштетување на здравјето на пациентот или негова смрт
  • ПАЛИЈАТИВНА НЕГА е активна целосна помош на пациенти со напредната неизлечива болест и помош за нивните блиски во текот на болеста и периодот кога се во жалост
  • ПАЦИЕНТ е лице, болно или здраво, кое ќе побара или на кое му се врши одредена медицинска интервенција со цел за зачувување и унапредување на здравјето, спречување на болести и други здравствени состојби, лекување или здравствена нега и рехабилитација