Семејна пензија

1,154
  • Кој се може да го оствари правото на семејна пензија?

Правото на семејна пензија им припаѓа првенствено на брачниот другар и на децата на осигуреникот, односно корисникот на пензија. Родителите, посвоителите, внучињата и другите деца без родители кои ги издржувал осигуреникот, односно корисникот на пензија, имаат право на семејна пензија ако осигуреникот, односно корисникот на пензија немал членови на потесното семејство кои имаат право на семејна пензија или ако пензијата што им припаѓа на членовите на потесното семејство не го исцрпува полниот износ на основата од која се определува семејната пензија.

Семејната пензија се определува од старосната или инвалидската пензија што на осигуреникот би му припаѓала во часот на смртта, односно од пензијата што на корисникот на пензијата му припаѓала во часот на смртта.

  • Кои услови треба да бидат исполнети за лицето да се стекне со право на семејна пензија?

Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија по исполнување на општите и посебни услови.

Општи услови за стекнување право на семејна пензија:

  • Ако осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија до денот на смртта наполнил најмалку 5 години стаж на осигурување или најмалку 10 години пензиски стаж, или ако осигуреникот ги исполнува условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија, или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
  • Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигурениикот.

Посебни услови за остварување право на семејна пензија:

Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија ако:

  • до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа лицето наполнило 50 години живот;
  • до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;

( по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа. Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителска должност  стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

  • Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Исто така  право на семејна пензија стекнува и вдовица кога: детето на осигуреникот, односно корисникот на пензија е родено по смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија и припаѓа од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија, кај која постоела бременост на денот на  смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за еден член на семејството, како и во случаевите ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето.

  1. Дете стекнува право на семејна пензија:
  • До наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот или ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата несопсобност настанала во рок од 1 година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија.
  • Ако школувањето на детето е прекинато поради болест, правото на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.
  • На детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воениот рок, семејната пензија му се исплатува и за тоа време.
  • Ако во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија
  • .Детето-инвалид има право на семејна пензија по престанок на работниот однос. Како неспособност за работа, врз основа на која се остварува правото на семејна пензија кај децата се смета несособност за самостоен живот и работа.

Како дете на школување се смета ученикот  во основно и  средно образование, стручно односно работно оспособување, студент на високообразовна установа и лицето на посдипломски студии, додека имаат статус  на ученик односно студент според статутот на  воспитно–образовната институција до навршување на 26 години живот. Како школување на дете  се смета и времетраењето на стручното, односно работното оспособување на децата со пречки во психофизичкиот развој.

Покрај   наведените категории осигуреници, право на семејна пензија стекнува и родителот кога осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт, се стекнува со право на семејна пензија ако:

1) до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата наполнил 55 години живот и

2) е помлад од 55 години, и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.

  • Која е постапката за стекнување со семејна пензија?

Постапката се поведува по барање на член на семејството од починатиот осигуреник или корисник на пензија за остварување право на семејна пензија. Барањето за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување се поднесува писмено на образец 1(барање за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување), прилог бр.1. Барањето се поднесува до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на ПИОМ на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.