Туѓа нега

8,713

Зоран има 40 години и живее со своите родители во семејната куќа.  Родителите на Зоран доставија барање за туѓа нега ( надомест за нега од трето лице), бидејќи нивниот син се грижи нив. Центарот за социјална работа сметал дека родителите на Зоран се способни да се грижат за себе и поради тоа не му одобриле парична помош. Решението со кое барањето на Зоран се одбива му е дадено во Центарот за социјална работа, каде му е речено да се потпише на еден лист. Зоран барајќи помош се обрати до едно од овластените здруженија за бесплатна правна помош, каде го известија дека има право да поднесе жалба против ова решение до Министерот за труд и социјална политика. Зоран Жалбата ја доставил до Центарот за социјална работа, каде му ја покажале доставницата и му кажале дека рокот за жалба е истечен, односно на доставницата стоел датумот кога решението стигнало во ЦСР.

  • Кој има право на надомест за помош и нега од трето лице?

Надомест за помош и нега од трето лице има лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој,  лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Покрај здравствената состојба  граѓанинот за да може да го користи овој паричен надоместок мора да го исполнува и следниот услов: неговите нето годишни примања по сите основи не смеат да бидат поголеми од вкупниот   нето  збир на просечните месечни плати за претходната година.

  • Што е Доставница?

Доставницата е многу важен документ кога се доставува одредена одлука, решение и слично. Од големо значење е да побарате од доставувачот, во делот „Датум на приемот и потпис на примателот“, да биде запишан точниот датум кога навистина сте го примиле документот. Ова е важно бидејќи од наредниот ден почнува да тече рокот за жалба. Доколку лицето не прочита дека листот што го потпишува во моментот на прием на Решение е доставница, а притоа не го запише и датумот на приемот на решението, нема да знае од кога започнува да тече рокот за жалба. Од друга страна, пак, во доставницата често се запишува датумот кога решението пристигнало во „Социјалното“, а не датумот кога тоа му било доставено на лицето.

  • Дали Зоран има можност повторно да аплицира за помош и нега од друго лице откако истекол рокот за жалба?

Зоран има можност повторно да поднесе барање за туѓа нега бидејќи не е предвиден рок по колку време откако бил одбиен може повторно да аплицира. Ова не е случај со социјалната парична помош каде што е строго определено дека доколку лицето е одбиено или на некој начин го изгубило правото на социјална парична помош,  може повторно да поднесе барање по истекот на 12 месеци.