Поделба на имот стекнат во брак

23,374

Марија и Игор се во брак 10 години и имаат две малолетни деца. Во текот на бракот Марија и Игор стекнале заеднички недвижен и подвижен имот. Недвижниот имот е запишан во катастарот на недвижности на името на Игор. Марија побарала од Игор да го запишат недвижниот имот во катастарот на недвижности на име на двајцата, со тоа што ќе ги утврдат сосопственичките делови, една половина за Игор и ена половина за Марија. Игор се противи на тоа запишување и смета дека Марија има само незначителен удел во заедничкиот имот што го стекнале во текот на бракот и поради тоа и соопштил на Марија дека има намера самиот да го продаде станот.

  • Како права ги има Марија во поглед на заедничкиот имот согласно закон?

Согласно одредбите од Законот за сопственост и други стварни права  имотот на брачните другари може да биде заеднички и посебен.

Посебен имот е имотот кој едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот, како и правото врз имотот што брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и стварите стекнати во бракот, а кои исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку не претставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички имот. Секој брачен другар самостојно управува и располага со својот посебен имот.

Имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот. Заедничка сопственост е сопственост на брачните другари на неподелена ствар кога нивните делови се определиви, но не се однапред определени. Правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивен заеднички имот се запишува во јавните книги на името на двајцата брачни другари како нивен заеднички имот. Ако во јавните книги како сопственик на заедничкиот имот е запишан само едниот од брачните другари ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари.

Согласно Законот Марија има право на еднаков дел од станот како и нејзиниот сопруг, бидејќи се работи за заеднички имот стекнат во брак. Марија може да бара да се утврди нејзиниот дел во секое време од причина што правото на брачниот другар да се утврдат деловите не застарува. Утврдувањето на делот во заедничката ствар може да се стори со договор или со одлука на судот во вонпарнична постапка.

Игор не може сам да го продаде заедничкиот стан од причина што за продажба на недвижен имот стекнат во текот на бракот, а запишан на име на едниот брачен другар потребна е нотарски заверена писмена согласност од другиот брачен партнер.

  • Како може Марија да го заштити своето право на сопственост врз дел од имотот стекнат во текот на бракот?

За време на траењето и по престанокот на бракот брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот. Со делба на заедничкиот имот на брачните другари настанува режим на посебен имот.

Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден од брачните другари, судот ја врши во вонпарнична постапка. При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови. По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.

  • Како се врши делба на стварите што претставуваат заеднички имот?

При делбата на заедничкиот имот, по барање на брачниот другар, во неговиот дел првенствено ќе се внесат оние ствари од заедничкиот имот кои служат за вршење на неговата дејност. Исто така, од заедничкиот имот ќе се издвојат и ќе му се предадат на брачниот другар, покрај неговиот дел и оние ствари стекнати со работа во текот на брачната заедница кои служат исклучиво за негова лична употреба. Ако вредноста на овие ствари е несразмерно голема во однос на вредноста на сиот заеднички имот, ќе се изврши делба и на тие ствари, освен ако брачниот другар кој овие ствари би требало да ги добие, не ја надомести на другиот брачен другар соодветната вредност или на другиот брачен другар со негова согласност, не му отстапи други ствари.

Ако при делбата на заедничкиот имот се утврди дека на еден од брачните другари му припаѓа значително помал дел судот може на барање на еден од брачните другари да определи тој дел да му се надомести во пари.

Подароците што брачните другари си ги дале еден на друг пред склучувањето на бракот или во текот на бракот не се враќаат.

  • Што е со стварите од заедничкиот имот кои служат за потребите на малолетните деца?

На брачниот другар на кого му се доверени заедничките деца на чување и воспитување, му се доделуваат во сопственост, покрај неговиот дел и стварите кои им служат на децата или се наменети само за нивна непосредна употреба. При делбата на заедничкиот имот на брачниот другар на кого се доверени заедничките деца на чување и воспитување му се доделуваат и оние предмети за кои е очигледно дека е во интерес да бидат во имот и во сопственост на брачниот другар на кого децата му се доверени.

  • Што станува со обврските, т.е. долговите направени од брачните другари?

За обврските што еден брачен другар ги имал пред склучувањето на бракот, како и за личните обврски што ќе ги прими по склучувањето на бракот, не одговара другиот брачен другар.

Брачните другари одговараат солидарно за обврските што едниот брачен другар ги примил спрема трети лица за намирување на тековните потреби на брачната заедница, како и за обврските што според општите прописи ги товарат двата брачни другари.

Брачниот другар кој од својот посебен имот ја исполнил солидарната обврска има право да бара другиот брачен другар да му го надомести делот на обврската што паѓа на него.

Важно е да се напомене дека во поглед на управувањето, располагањето и утврдувањето на деловите на имотот, како и при делбата на имотот стекнат за време на траењето на вонбрачната заедница, кој исто така се смета за заеднички имот на вонбрачните другари, соодветно се применуваат одредбите на законот за заедничкиот имот на брачните другари.