Право на еднократна парична помош во случај на смрт на член на семејството

10,198

Антонио и Мира биле во брачна заедница 12 години и имаат едно малолетно дете и се приматели на социјална парична помош. Антонио починал како последица на мозочен удар и поради ненадејната смрт Мира за трошоците за погребот позајмила пари. Мира и нејзиниото малолетно дете се наоѓаат во исклучително тешка состојба поради недостаток на финансии.

 

  • Дали Мира може да оствари право на парична помош за смртта на нејзиниот брачен другар?

 

Согласно  Законот за социјална помош на семејство во социјален ризик им следува еднократна парична помош заради смрт на член на семејството. Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 30.000 денари. Со оглед на тоа што Мира и нејзиното дете се наоѓаат во исклучително тешка состојба и воедно се приматели на социјална парична помош тие се доведени во социјален ризик и може да го остварат правото на еднократна парична помош.

 

  • Која е постапката за остварување на правото на еднократна парична помош?

 

Барањето за еднократна помош се поднесува до Центарот за социјална работа во општината каде што живеат барателите. Во барањето се внесуваат личните податоци на барателот, податоци за децата, како и број на трансакциска сметка на која барателот сака да му бидат префрлени одобрените средства.

Покрај барањето Мира треба да достави извод од книгата на умрените, копија од лична карта на починатиот и фискални сметки од трошоците. Сите пропратни документи ќе послужат за Центарот за социјална работа да ја одреди висината на еднократната парична помош. За остварување на правото на еднократна парична помош центарот одлучува со Решение кое го доставува до барателот.