Статусот на активен барател на работа и остварувањето на правото на Гарантирана минимална помош

668

Во текот на 2020 година Алима како невработнео лице, се пријавувала во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) како активен барател на работа, заради воведување во соодветниот регистар. Последен пат се пријавила во месец октомври 2020 година, а за следното пријавување кое требало да го изврши по еден месец, не се појавила во дадениот термин поради што е избришана од евиденцијата на активни баратели на работа.

Во јануари 2022 година, како член на материјално необезбедено домаќинство, Алима поднела барање за остварување на право на гарантирана минимална помош (ГМП). Притоа, била информирана дека за остварување на правото на ГМП еден од условите е да биде евидентирана како активен барател на работа во евиденцијата на АВРСМ.

Дали Алима може да го оствари правото на Гарантирана минимална помош?

Законот за социјална заштита во чл. 33 предвидува дека право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство во кое некој од членовите е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување, до истекот на периодот до кога стекнува право повторно да се пријави, согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност. Ова се однесува на полнолетните членови на домаќинството, кои не се во редовен образовен процес. Тоа значи дека, сите полнолетни и работоспособни членови на домаќинството кое поднесува барање за ГМП, потребно е да бидат внесени во евиденцијата на активни баратели на работа при АВРСМ.

Бришење од евиденцијата на активни баратели – што понатаму?

Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, во член 59-а, предвидува дека невработеното лице е должно лично да се јавува во АВРСМ на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец. Невработеното лице кое нема да ја исполни обврската за редовно пријавување во рок од 30 дена по истекот на рокот на јавување, се брише од евиденцијата на невработени лица и може повторно да се пријави по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност ги губат и правата. Тоа значи дека лицето кое е избришано од евиденцијата на невработени, по изминувањето на една година од бришењето, може повторно да се пријави и понатаму да ги оствари своите права согласно статусот на активен барател на работа.

Што може да направи Алима?

Во конкретниот случај, бидејќи од бришењето од евиденцијата на неактивни баратели поминале 13 месеци, Алима може повторно да се пријави како активен барател на работа, и со тоа да да ги исполни условите за остварување на право на ГМП.