Барање за надоместок за воспоставена службеност

5,990

Ана од својата покојна мајка наследила градежно земјиште, на кое од страна на ЕВН Македонија е поставен гасовод, односно е спроведена техничко-комунална службеност. Ана сака да добие надомест од ЕВН за поставената службеност, но не знае која е постапката.

  • Што претставува службеност?

Согласно Законот за сопственост и други стварни права службеноста е стварно право на туѓа ствар, кое се состои во овластување на нејизниот носител во определен обем и на определен начин да ја користи таа ствар, а сопственикот на стварта е должен тоа да го трпи или ништо да не стори.

  • Какви службености постојат?

Согласно Законот за сопственост и други стварни права постојат стварни и лични службености.

Стварна службеност е право на сопственикот на една недвижност(привилегирана ствар) за потребите на таа недвижност да врши определени дејствија врз недвижноста на друг сопственик (послужна ствар) или да бара од сопственикот на послужната ствар да се воздржува од вршење определени дејствија, што инаку би имал право да ги врши врз својата недвижност.

Личната службеност е стварно право врз туѓа ствар со кое се овластува одредено лице, кое е во посебен однос со сопственикот на послужната ствар да се служи со неговата ствар на определен начин, а сопственикот на таа ствар тоа мора да го трпи.

  • Какви видови на стварни службености постојат?

Согласно Законот за сопственост и други стварни права стварните службености се полски, куќни и комунално-технички.

  • Полски службености се правото на пешачки премин, на протерување на добиток, на премин со запрежни возила, возила на моторен погон и други возила, правото на црпење вода, правото на довод и одвод на вода преку туѓо земијиште и друго.
  • Куќни службености се право на нужен премин на туѓо земјиште, право на ползување на туѓ ѕид, правото на спроведување чад преку соседовиот оџак, право за истекување на атмосферска и друга вода низ соседовото земјиште, право на поставување на телевизиска антена на туѓа зграда и друго.
  • Комунално-технички службеноси се правото на спроведување гасоводни,      нафтоводни, водоводни и други цефки на туѓо земјиште, правото на спроведување на телевизиски кабли на туѓо земјиште и друго.
  • Кои права ги има Ана во однос на спроведената службеност на нејзиното градежно земјиште и која е постапката за остварување на нејизното право?

Согласно Законот за сопственост и други стварни права Ана има право да поднесе барање за надоместок за утврдената службеност на нејзиното градежно земјиште до ЕВН Македонија.

Ако Ана и ЕВН Македонија не успеат да се спогодат за надоместокот, поточно за висината на надоместокот, Ана треба да поднесе тужба до надлежниот основен суд за утврдување на висината на надоместокот. Понатаму судот ќе ја одреди висината на надоместокот, притоа водејќи сметка за сите околности.