Се одржа сесија за правно зајакнување во Штип

734

Во рамки на проектот Пристап до правда во Македонија, што ЕХО Едукативно-хуманитарна организација Штип го реализира со поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија, со цел зголемување на свесноста и знаењата за правата, како и за препознавање и справување со правните проблеми на граѓаните, на 22.06.2018 година во просториите на ЕХО се одржа втората сесија за правно описменување на жени и девојки на тема права од социјална заштита за жртви на семејно насилство.

На сесијата, четиринаесет учесници добија информации за препознавање на правните проблеми и правата кои жртвите на родово-базирано, вклучително и семејно насилство може да ги остваруваат, како што се: мерките на заштита согласно Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, правата на парични надоместоци, згрижување и сместување, согласно Законот за социјална заштита, правото на бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош, како и други мерки од специфични програми на Владата.

Информациите за условите, постапките и упатувањата до надлежните институции каде што се остваруваат правата беа разработени интерактивно и преку практични вежби и примери. Се разви заедничка дискусија за потребата од сеопфатна институционална помош и поддршка на оваа ранлива група граѓани. Една од целите на овие сесии за правно описменување е добиените информации и упатувања да им послужат на граѓаните кои имаат потреба, преку споделување од страна на учесниците во заедницата од каде што доаѓаат.

Оваа сесија е втора во серијата од вкупно 4 сесии за правно описменување на граѓани на одбрани теми поврзани со заштитата од семејно насилство што треба да се одржат во 2018 година.