Доверување на дете

1,264

Ана веќе шест години живее во друга земја со нејзиниот сопруг и ќерка, од причини што нејзиниот сопруг, во Република Северна Македонија (РСМ) е осуден на три и пол години затвор за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Пред околу три години, додека Ана била во Македонија да извади лични документи, сопругот во државата каде живеат започнал постапка нивната малолетната ќерка, да му се довери нему. Во барањето за доверување навел дека мајката не е совесен родител, бидејќи додека била во Македонија имала обид да купи психо-активна супстанца (амфетамин/спид). Ана потврдила дека информацијата е точна, но дека спидот не бил наменет за неа, туку целта била да направи услуга за нејзин пријател, сепак воопшто не купила психо-активна супстанца. Постапката за доверување сè уште не е завршена. Сепак, малолетната ќерка живее со таткото и неговата фамилија, а Ана понекогаш остварува средби и контакти со  неа. Поради тоа што дошло до влошување на нивниот однос во бракот и таа преку адвокат поднела тужба за развод во РСМ. Оваа постапка е во тек.

Кога родителите може да бараат доверување на дете?

Доверување на дете може да се бара во постапка за развод на брак, но исто така родителите барање за доверување на дете може да поднесат и додека се во брак, во случаи кога не живеат заедно. Во тој случај, барањето се поднесува до надлежен Центар за социјална работа, кој одлучува за доверувањето. Доколку се изменат околностите, на барање од еден од родителите или по службена должност Центарот за социјална работа може да донесе ново решение за доверување на детето.

Дали родителите имаат право на одржување на лични односи и непосредни контакти?

Родителот со кого детето не живее има право и должност да одржува лични односи и непсоредни контакти со своето дете. Кога родителите на малолетно дете не живеат заедно се спогодуваат за начинот на одржување на личните односи и непосредните контакти со детето. Доколку не можат се спогодат за одржување на лични односи и непосредни контакти, може да бараат од Центарот за социјална работа да донесе решение за динамиката по која ќе се одвиваат контактите.

Дали може да се промени судска одлука за чување и воспитување на деца?

Судска одлука за чување и воспитување на деца може да се промени доколку се изменат околностите, по барање на еден од родителите или Центарот за социјална работа, со поднесување на тужба до надлежен суд.

Кои се должностите кои ги имаат родителите спрема своите деца?

Родителите се должни да ги издржуваат нивните малолетни деца, да се грижат за нивниот живот, за нивното здравје и да ги подготват за самостоен живот и работа, како и да се грижат за нивното воспитување, школување и стручно оспособување.

Што претставува злоупотреба или грубо занемарување на родителските должности?

Кога родителот:

            -спроведува физичко или емоционално насилство над детето.

            -полово го искористува детето.

            -го присилува детето на работа која не одговара на неговата возраст.

            -му дозволува употреба на алкохол, дроги или други психотропни супстанци.

            -го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење.

            -го наведува детето на општествено неприфатливи поведенија

            -го напушти детето и подолго од три месеци не се грижи за детето и

            -ако на кој било друг начин грубо ги крши правата на детето.

Во вакви случаи, Центарот за социјална работа, му укажаува на родителите на недостатоците и пропустите во вршење на родителското право и може да донесе решение за постојан надзор над вршење на родителското право и спроведува стручно советодавна работа со родителите и децата. Доколку родителите не постапат согласно насоките на Центарот и повторно го злоупотребуваат родителското право, Центарот е должев веднаш да го одземе детето и да започне постапка за одземање на родителско право пред надлежен суд. По исклучок, доколку родителот со своите постапки го доведува во опасност животот на детето, Центарот е должен веднаш привремено да го одземе детето и да започне постапка за одземање на родителско право.