Неплаќање на издршка

8,777

Вера и Стојан имаат 2 зеднички малолетни деца кои со правосилна и извршна судска одлука се доделени на натамошно чување, воспитување и делумна издршка на нивната мајка Вера. Одржувањето на личните односи и непосредните контакти меѓу децата и таткото се одвива редовно и непречено, согласно Решението за уредување на личните односи и непосредни контакти донесено од страна на Центарот за социјални работи. Стојан воопшто нема платено ниту денар од со пресуда определената издршка.  Вера не може сама да се грижи и да ги издржува двете малолетни деца.

  • Кои права се прекршени и каде може да се обрати Вера за помош?

На двете малолетни деца им е прекршено правото на издржување од страна на родителот кој со правосилна и извршна судска одлука е задолжен да плаќа издршка.

Според Законот за семејството, родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца. Ако школувањето и стручното образование на децата продолжува и по полнолетството, родителите се должни, понатаму да ги издржуваат децата до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување на 26 годишна возраст.

Двете малолетни деца, преку својата законска застапничка мајката Вера, можат да поднесат кривична пријава до основното јавно обвинителство или до локалната полициска станица, заради поведување на кривична постапка против родителот за сторено кривично дело Неплаќање на издршка.

Согласно член 202 од Кривичниот законик, тој што одбегнува да дава издршка определена врз основа на извршна судска одлука или порамнување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, за сторено кривично дело “Неплаќање на издршка“.

При изрекувањето условна осуда, судот може на сторителот да му наложи да ги исплати пристигнатите обврски и во иднина уредно да ја плаќа издршката, а доклку не ги исполни овие обврски определени во условната осуда, судот може  во условната осуда да определи дека казната ќе се изврши.

Ако со условната осуда на осудениот му е определено исполнување на некоја обврска, а тој не ја исполни таа обврска во рокот определен во пресудата, судот може, во рамките на времето за проверување, да го продолжи рокот за исполнување на обврската или може да ја отповика условната осуда и да ја изрече казната што е утврдена во условната осуда. Ако утврди дека осудениот од оправдани причини не може да ја исполни поставената обврска, судот ќе го ослободи од исполнување на таа обврска или ќе ја замени со друга соодветна обврска предвидена со закон.

Дополнително, согласно Законот за семејството, мајката Вера може да се обрати до Центарот за социјални работи со барање Центарот за социјална работа да донесе решение, со кое на родителот кој подолго од три месеца не давал издржување за детето, ќе му го ограничи правото да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, се додека не ги изврши обврските спрема детето.

Независно од поведената кривична постапка, мајката Вера може во име и за сметка на малолетните деца против родителот Стојан да поднесе барање за извршување на пристигнатите а неплатени износи на издршка кај извршител надлежен за подрачјето на основниот суд што ја донел пресудата со која е определена издршката.