Право на годишен одмор

5,276

Тамара веќе седум месеци работи со полно работно време во конфекциска фирма на работно место шијач. Работниот однос го заснова со потпишување на договор на определено време од 1(една) година.

Согласно Законот за работните односи договор за вработување се склучува:

  • за време чие траење однапред не е определено (работен однос на неопределено време)
  • за време чие траење однапред е определено(работен однос на определено време)
  • за време кое не е утврдено во договорот, во тој случај се смета за договор за вработување на неопределено време.

На почетокот на месец јули Тамара поднесе барање за користење на годишен одмор. На ова барање Тамара доби негативен одговор, со образложение дека до крајот на годината нема да има услови за користење на годишен одмор поради зголемен обем на работа и предложи да потпишат спогодба со која Тамара се откажува од правото на годишен одмор.

  • Дали Тамара има право на годишен одмор ?

Тамара има право на годишен одмор!

                Согласно Законот за работните односи:

Работникот кој за прв пат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното. Согласно Законот за работните односи  работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор.

  • Дали е прекршено некое право на Тамара?

Да, на Тамара и е скратено правото на користење годишен одмор!

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се искористи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку 2 непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30-ти јуни идната година.

  • Дали Тамара треба да ја потпише таа спогодба ?

Тамара не треба да ја потпише спогодбата за откажување од правото на годишен одмор.

Согласно Законот за работните односи ништовна е спогодбата со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор. Со други зборови –секоја изјава што би ја потпишале дека се откажувате од годишен одмор или од правото да бидете платени – нема да важи на суд.

  • Како треба да постапи во ваков случај Тамара?

Доколку Тамара смета дека работодавачот не и ги обезбедува правата од работниот однос или дека и е прекршено некое од нејзините права кои произлегуваат од работниот однос има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска. Во случај со писмената одлука на работодавачот да е прекршено нејзиното право тогаш има право во рок од 8 дена од врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот истото да го отстрани. Ако работодавачот во натамошниот рок од 8 дена по врачувањето на писменото барање на Тамара не ги исполни своите обврски од работниот однос, односно не го отстрани кршењето на правото , Тамара може во рок од 15 дена да бара судска заштита пред надлежниот суд.