Здравствена заштита

706
  • Kој се има право на здравствена заштита и на кој начин се остварува?

Секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје во согласност со овој и друг закон. Секој е должен во итни случаи да укаже прва помош според своите можности и во случај на опасност по животот, да ја извести најблиската здравствена установа и да овозможи пристап до итна медицинска помош. Секој граѓанин има право да ја остварува здравствената заштита со почитување на највисокиот можен стандард на човековите права и вредности, односно има право на физички и психички интегритет и на безбедност на неговата личност, како и на почитување на неговите морални, културни, религиозни и филозофски убедувања.

Секој граѓанин има право на информации потребни за зачувување на здравјето и стекнување здрави животни стилови и на информации за штетните фактори за животната и работната средина кои можат негативно да влијаат на здравјето, како и на информации за потребните мерки за заштита на здравјето во случаи на појава на епидемии и други непогоди и несреќи кои можат негативно да влијаат на здравјето.

Здравствената заштита опфаќа систем на општествени и индивидуални мерки, активности и постапки за:

-зачувување и унапредување на здравјето;

-спречување, рано откривање и сузбивање на болести, повреди и други нарушувања         на здравјето предизвикани од влијанието на работната и животната средина;

-навремено и ефикасно лекување и

-здравствена нега и рехабилитација.

Во Република Македонија здравственото осигурување е поделено на задолжително и доброволно. Задолжителното здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата. Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување. Задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија.