СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

188

Стисни за поддршка


На 5 мај 2023 година пред Министерство за труд и социјална политика (МТСП), во Скопје ќе се одржи креативна акција „Стисни за поддршка“.


Преку инсталација на големо црвено копче, ќе побараме подигање на свесноста на јавноста и надлежните институции во однос на третманот од страна на полицијата и државата кон луѓето кои рекреативно употребуваат канабис. Имено, иако употребата на дрога за лична употреба не е кривично дело во Република Северна Македонија, сепак, луѓето кои користат лесни рекреативни дроги, се постојана мета на полициските служби преку нелегално претресување, притворање и заплашување. Често ваквите акции не поминуваат само со прекршочна казна согласно Законот за прекршоците против јавниот ред и мир доколку употребата е на јавно место, туку без никаква основа против овие луѓе се поднесуваат и кривични пријави.


Со измените во Кривичниот закон од февруари 2023 година, употребата на лесни дроги е и експлицитно декриминализирана со додавање нов став во член 215 кој гласи: „Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба.“ Разидувањето на законите и институционалната пракса ги виктимизира, дискриминира и ги уназадува правата на луѓето кои употребуваат дрога. Глобалните трендови, пак, водат кон хуманизација на политиките и практиката за луѓето кои употребуваат дрога, па на тој начин им даваат еднаков третман и можности на сите луѓе, вклучително и на оние кои се борат со зависности и имаат потреба од здрава реинтеграција во општеството.


Затоа, Ве повикуваме на 5 мај во 12.00 часот, – дојдете пред МТСП во Скопје, најдете нѐ покрај големото црвено копче и притиснете го за гласна поддршка на луѓето кои употребуваат дроги и за политики кои промовираат недискриминација и почитување на законите и владеење на правото.

—————————————-
Креативната акција ќе се одржи во рамки на проектот: „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС -Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност – Станица П.Е.Т., финансиран од Европската Унија.