ОДРЖАНА ПЕТТАТА СРЕДБА ЗА ПРАВНО ЗАЈАКНУВАЊЕ – ГРАДЕЊЕ НАЦИОНАЛНИ СИСТЕМИ ЗА ПРАВНИ УСЛУГИ БАЗИРАНИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

890

На 27 јули 2017 година (четврток), со почеток од 11 часот, во хотел Александар Палас во Скопје, се одржа петтата средба за правно зајакнување – градење национални системи за правни услуги базирани во заедницата, во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а во рамки на Заедничката рамка за правно зајакнување.

На средбата пред присутните претставници од здруженијата кои даваат правна и параправна помош беше презентирана нацрт-стратегијата на заедничката рамка во Македонија и беше побарано од присутните да дадат свои коментари и предлози за нејзино подобрување. Беа формирани три групи согласно трите стратешки цели, и тоа: (1) Давање на правни и параправни услуги; (2) Застапување и (3) Градење на капацитети. Секоја група даде свој придонес кон креирање на временска табела за реализација на зацртаните активности, реформулирање на активностите, но и поделба на одговорностите за нивна навремена имплементација. Сите здруженија кои се дел од Заедничката рамка за правно зајакнување ќе работат кон остварување на трите стратешки цели и организирање на активностите кои водат кон остварување на зацртаните цели.

Иницијативата за правно зајакнување на Фондациите Отворено општество има за цел институционализација на респонзивни, отчетни, кредибилни и финансиски сигурни системи што нудат правни услуги базирани во заедницата на национално ниво и/или на ниво на конкретни групи на население. Работејќи првенствено со модели за правни услуги базирани во заедницата кои комбинираат правници и не-правници за решавање на индивидуалните и проблемите на заедницата, заложбите во државите во кои се спроведува, вклучително и Македонија, ќе користат комбинација од алатки. Преку широкиот опсег на активности, од правна писменост и помош, до медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување, главниот фокус ќе биде на зајакнување на давањето услуги, паралелно со унапредување на системските реформи во интерес на сиромашните граѓани. Иницијативата за правно зајакнување ќе работи на обезбедување широка достапност на таквите услуги на национално ниво и нивно функционирање на финансиски одржлив начин. Во рамки на иницијативата, ќе се работи со владите, граѓанското општество и партнерите-донатори за да се идентификуваат и унапредат решенијата за јавни политики кои обезбедуваат широк опфат, независност и одржливост.