ОТВОРЕНА ПРАВНА КЛИНИКА ЗА РАНЛИВИ ГРУПИ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

1,113

Студентите под менторство на професорите ќе нудат бесплатни совети и информации на лица од ранливи и маргинализирани групи

Со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, во рамките на концептот Заедничка рамка за правно зајакнување, започна спроведувањето на Правната клиника за ранливи групи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Правната клиника има за цел градење на знаења и вештини на студентите за давање правни информации и совети на ранливи лица, зајакнување на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и иницијативи, поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и градење синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните.

Правниот факултет се обврза да спроведе Правна клиника за ранливи групи како дел од наставата на факултетот. Мисија на правната клиника е да ги зајакне практичните способности на студентите и на наставниот кадар за работа со ранливи групи во насока на решавање на правите проблеми на овие групи и градење на институционални капацитети за унапредување на механизмите за правна поддршка на ранливите групи.

Во рамки на Правната клиника, студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје под менторство на професорите д-р Борче Давитковски, д-р Ана Павловска Данева, д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, д-р Неда Здравева, д-р Дивна Илиќ Димовски, д-р Тодор Каламатиев и д-р Александар Ристовски, нудат бесплатни правни совети и информации на лица од ранливи и маргинализирани групи во остварување на правата од социјална заштита, здравствена заштита, права на ранливи категории потрошувачи, права на членови на семејства на притворени и затворени лица, како и оценка на можноста за барање правна заштита пред Народен правобранител.

Повеќе информации за Правната клиника за ранливи групи можете да најдете на Фејсбук страната https://www.facebook.com/pravnaklinikazaranlivigrupi како и на веб-страната www.pravnaklinika.mk која моментално е во изработка.