ОБУКА ЗА ИНОВАТИВНО ФИНАНСИРАЊЕ

827

Фондацијата Отворено општество – Македонија во периодот од 11-15.12.2017 одржа обука за иновативно финансирање наменета за 19-те партнерски граѓански организации со цел зајакнување на нивните вештини и способности  за воведување и примена на иновативни модели на финансирање.

Основната идеја на обуката е да придонесе кон одржливоста на правните и параправните услуги кои ги обезбедуваат граѓанските организации – партнери на ФООМ и нивна идна финансиска независност која ќе им овозможи потенцијален развој и можност за пошироко и пообемно дејствување.

Обуката имаше практичен и интерактивен карактер, користени беа реални ситуации и примери од работењето на граѓанските организации, но и позитивни примери на други организации од земјата и од странство.

Обучувачите Виктор Мирчевски, заменик-извршен директор на Фондацијата Конект и Владимир Лазовски, независен консултант, следејќи ги принципите на учење на возрасните и им овозможија на учесниците да искористат знаења од целокупното свое професионално и животно искуство и да погледнат на состојбата и можностите на своите организации од нова перспектива.

Обуката е замислена да се одвива во два модули:

Во првиот модул, учесниците се стекнуваат со знаења и информации за можните начини на прибирање средства за обезбедување правни и параправни услуги, како дополнување или замена за грантовската или поддршката од јавниот буџет што веќе ја користат како што се:

– економски активности на граѓанските организации;
– индивидуални донации од граѓаните;
– поддршка и соработка со бизнис заедницата;
– crowdfunding; и
– социјално претпримништво.

На обуката во Охрид, се обработуваа основните концепти и законските решенија во секоја од обработуваните можности за прибирање средства како и можностите и ризиците поврзани со истите, а особено внимание се посвети на прикажување позитивни примери и искуства на граѓански организации од земјата и од странство.

Како завршница на првиот модул, учесниците добија задача да развијат план за прибирање средства за сопствената организација, користејќи го моделот со кој се запознале на обуката, а за кој сметаат дека е најдобро одговара на приликите во и околу нивната организација со што уште веднаш се овозможи реална и практична примена на обуката.

Вториот модул од обуката ќе се случи во март 2018 година и во него ќе учествуваат избрани претставници на не повеќе од десет организации чии планови (од првиот модул) ќе бидат оценети како најдобри и за нив ќе добијат директен фидбек кој ќе им помогне да ги согледаат предностите но и можностите за подобрување на плановите. Во овој модул, учесниците ќе бидат запознаени и со две дополнителни теми:

– односи со јавноста и информации во поддршка на активностите за прибирање средства, вклучувајќи користење на интернет и социјалните медиуми и
– градење партнерства со поддржувачите и донаторите.

По завршувањето на вториот модул, организациите ќе имаат можност да се пријават до ФООМ за поддршка на нивните планови за прибирање средства од негрантовски извори. ФООМ е секогаш подготвена да даде поддршка на организациите во нивниот план за раст и развој како и идна финансиска независност.

Обуката за иновативно финансирање, наменета за партнерските организации на ФООМ е организирана во рамките на спроведувањето на Заедничката рамка за правно зајакнување (Legal Empowerment Shared Framework), односно во рамките на третиот приоритет во стратегиската област „Зајакнување на капацитетот“ за периодот 2017-2019 година.