РЕГИОНАЛНА ОБУКА ЗА МОНИТОРИНГ НА БУЏЕТИ И ЗАСТАПУВАЊЕ

822

Зошто е потребно застапување за соодветно финансирање на програмите за намалување на штети од користење дроги? Какви промени очекуваме да се постигнат со застапување за соодветно финансирање?

Овие прашања, а и многу други, се обидовме да ги одговориме на регионалната обука за мониторинг на буџети и застапување организирана од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Тродневната обука која се одржа од 21 до 23 декември 2017 година, во хотел Романтик во Велес, ја спроведоа претставници на ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените од Скопје.

Учесниците на обуката се здобија со знаења кои ќе помогнат во нивните напори за обезбедување на финансиски средства од надлежните државни органи,  а беа опфатени теми кои ги посочуваат проблемите со кои се среќаваат организациите поради недоволни средства како и активностите кои можат организациите да ги преземат за да ги решат истите. Дополнително, се разгледа процесот на анализа на буџетот како основа за застапување за креирање на ефективен буџет како и постапките кои се важни во процесот на следење и анализа на буџетите.

На обуката, со по двајца претставници, учествуваа 6 граѓански организации од регионот кои спроведуваат програми за намалување на штети и кои се соочуваат со недостаток на финансирање на нивните програми по заминувањето на Глобалниот фонд: Превент – Србија, ДПНСЕЕ – Србија, Маргина- Босна и Херцеговина, ПРОИ  – Босна и Херцеговина, Јувентас – Црна Гора и ЦАЗАС – Црна Гора. Сите организации се членки на ДПНСЕЕ – Drug Policy Network South East Europe и спроведуваат програми за намалување на штети.