Кои права на Елвис на работното место се прекршени и како да го реши својот проблем?

2,565

Запознајте го Елвис. Тој на барање на шефот често работи и до доцна во ноќта, а работодавачот не му дозволува ниту да го искористи својот годишен одмор.

  • Кое право не Елвис му е прекршено и според кој закон?

На Елвис му се прекршени правото на ограничено работно време и правото на загарантиран годишен одмор кои се регулирани со Законот за работните односи.

  • Дали Елвис има право на платена прекувремена работа согласно Законот за работни односи и на кој начин е ова уредено?

Елвис има право на додаток за прекувремена работа уреден со Законот за работните односи и со колективен договор. Доколку Елвис  работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката. Работодавачот е должен да води и посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. Исто така, работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.

  • Дали Елвис има право на годишен одмор кои услови треба да ги исполни за да работникот има право на годишен одмор и во кои ситуации може да биде ограничен од страна на работодавачот?

Елвис има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, кој со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до најмногу 26 работни дена. Доколку Елвис за прв пат засновал работен однос тој се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеца кај истиот работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.

Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски. Елвис има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето. Исто така, има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја. Евентуална изјава со која Елвис би се откажал од правото на годишен одмор, односно од правото на паричен надомест за годишен одмор (што му следува доколку не го искористи), во правна смисла е ништовна, а тоа значи не произведува правно дејство. Со други зборови, секоја изјава што би ја потпишал дека се откажува од годишен одмор или од правото да биде платен – нема да важи на суд. Истото се однесува и за евентуална спогодба меѓу работодавачот и работникот.

  • Како Елвис да постапи откако правото му е прекршено, каде да се обрати?

Во конкретниот случај, во однос на прекршување на правото на платена прекувремена работа и годишен одмор, Елвис има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска .

Дополнително, доколку Елвис смета дека со писмената одлука на работодавачот е прекршено неговото право, има право во рок од осум дена од денот на врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот истото да го отстрани.  Ако работодавачот во натамошниот рок од осум дена по врачувањето на писменото барање на Елвис не ги исполни своите обврски од работниот однос, односно не го отстрани кршењето на правото, работникот може во рок од 15 дена да бара судска заштита пред надлежниот суд.

  • Како да постапите доколку се најдете во иста или слична ситуација?

Првично треба да доставите писмено барање до работодавачот со цел да го отстрани кршењето на вашето законско загарантирано право. Ако и со неговата одлука работодавачот го прекршува вашето право, во предвидениот законски рок ќе побарате работодавачот да го отстрани таквото прекршување. Доколку ни со писмено барање не ги исполни обврските од работниот однос тогаш ќе побарате судска заштита пред надлежниот суд.