Пристап до правда за најмаргинализираните

Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ се спроведува во периодот јануари 2020-јули 2021 година од страна на ФООМ, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп, финансиски поддржан од Европската Унија.
Целта на проектот е овозможување на заштита на човековите права преку правно зајакнување за унапредување на пристапот до правда за најмаргинализираните групи граѓани, со фокус на Роми, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, деца и семејства во социјален ризик и други ранливи заедници. Специфични цели на проектот се: Подобрен пристап до правда и правно зајакнување за маргинализираните групи преку континуирано обезбедување на квалитетни правни и параправни сервиси; Зајакнати капацитети на граѓанските организации (ГОи) и релевантните институции на локално и централно ниво за обезбедување на заштита на човековите права; Унапредени политики и практики засновани на докази кои содржат пристапи засновани на човекови права и во согласност со потребите на маргинализираните заедници.
Проектот се имплементира преку неколку групи проектни интервенции кои опфаќаат: Обезбедување на квалитетни правни и параправни услуги за унапредување на правата од здравствена и социјална заштита и други човекови права за маргинализираните заедници; Активности за правно зајакнување на таргетираните маргинализирани заедници за самозастапување во остварувањето на правата; Активности за видливост на проектот; Градење капацитети на ГОи и претставници на релевантни институции на национално и локално ниво за унапредување на нивните услуги; Документирање на случаи на прекршени права на припадниците на маргинализираните заедници; Набљудување на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош; Активности за застапување за имплементација на заложбите за пристап до правда опфатени во четвртиот НАП за Отворено Владино Партнерство (2018-2020) и за вклучување на одржливата цел 16.3 во националното законодавство.