Се одржа втората обука за параправници

194

Во рамки на проектот Пристап до правда за најмаргинализираните се одржа втората дводневна обука од циклусот на обуки за параправници кои даваат совети и помош на заедниците со кои работи организацијата – сексуални работници и луѓе кои употребуваат дрога.

Обуката се одржа на 18 и 19ти јули 2022 година, во Центарот за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС и имаше цел да ги зајакне капацитетите на параправниците и нивните познавања за родово-базирано насилство, дискриминација и законски права и обврски. Обучувачки на обуката беа Маргарита Глигуроска и Ивана Андреевски кои имаат експертиза и долгогодишно искуство во областите за кои предаваа. На обуката имаше и практични вежби за согледување на односите на моќ меѓу жртвата и сторителот, проекција на краток филм, дискусија и активно учество на присутните. Учесниците имаа прилика да споделат лични искуства, претходни познавања и да добијат материјали со повеќе информации за опфатените теми, како и промотивни материјали од самиот проект.

—–

Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност – Станица ПЕТ, финансиран од Европската Унија.