Силување и непостапување на полицијата

29

Симона е сексуална работничка, која во изминатите две недели на социјалните медиуми контактирала со клиент, кој не бил од Македонија, но планирал да престојува одредено време во државата. Симона му кажала дека е сексуална работничка и дека наплаќа за сексуалните услуги. Кога се сретнале тој ѝ рекол ,,знам дека си сексуална работничка и ќе ти платам“, по што отишле во неговиот стан, каде тој испил многу повеќе од неа и одеднаш го променил односот кон неа, станал груб и во однесувањето и во зборувањето. Поради таквото негово однесување таа сакала да си оди, но тој не ѝ дозволил и ја силувал. Откако излегла од зградата веднаш се упатила во најблиската полициска станица да го пријави силувањето, инспекторите ја сослушале, но потоа ѝ кажале дека таа е крива што отишла дома кај човек што го знае многу малку, дека тие може да ја однесат во Болница, но да си знае дека ако лаже, сама ќе треба да си плати се, и дека ќе одговара кривично за лажно пријавување. После ова што и го кажале инспекторите, таа ја повлекла пријавата.

Каде може Симона да побара помош и заштита?

Сексуално насилство и силување може да се пријави во полициска станица, здравствена установа и центар за социјална работа, а од мај 2021 година со стапувањето на сила на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, жртвите може да добиваат и специјализирани здравствени и социјални услуги. При пријавување на сексуалното насилство и силувањето во здравствена установа и центрите за социјална работа, службените лица од овие институции треба да им дадат помош и поддршка и да ги упатат до други специјализирани даватели на услуги, како центарот за упатување на жртви од сексуално насилство и силување, каде се обезбедува идентификација, односно проценка, медицински преглед, психолошка поддршка на жртвите. Овој центар се наоѓа во здравствена установа. Исто така, може да им понудат и услуги за долготраен третман на жртви на сексуално насилство и силување, кои се обезбедуваат во центар за долготрајно советување и психотерапија на жени жртви на сексуално насилство и силување, кој вклучува групна и/или индивидуална психотерапија, психо-социјално советување, поврзување со други услуги, придружба до институции и организации и застапување на жртвата во други институции и организации.

Каде може Симона да го пријави прекршувањето на правата, поради несоодветно и незаконско постапување од страна на полиција?

Може да се прати претставка до народниот правобранител и до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Овој Оддел е посебна и  независна единица на Министерството за внатрешни работи, и претставува контролен механизам на работата на полицијата и спроведува постапки за оценување на законитоста на постапувањето на вработените во Министерството за внатрешни работи. Претставките до Народниот правобранител и Одделот за внатрешна контрола се бесплатни.