Обука за унапредување на капацитетите на вработените во Центрите за социјална работа, Министерството за труд и социјална политика и Ромските информативни центри

141

Во периодот од 26 до 28 мај 2021 година се одржа обука за унапредување на знаењата на вработените во Центрите за социјална работа, Министерството за труд и социјална политика и Ромските информативни центри на која присуствуваа повеќе од 40 учесници. Обуката е дел од проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ и од заложбата за „Унапредување на пристапот до правда“ во рамки на четвртиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство.

Програмата за обуката беше развиена согласно потребите на учесниците и во согласност со Програмата за обука на параправници. Учесниците беа запознаени со процесот на Отворено владино партнерство, моделите на пристап до правда во заедницата (презентирани од ГОи и правни клиники кои обезбедуваат правна и параправна помош), постапување на граѓанските судови и институции во семејни спорови, семејното насилство, карактеристики на насилник и жртва, мерки на заштита и постапување согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и овозможување права од социјална заштита со привремен ЕМБГ.

Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност –Станица ПЕТ, финансиран од Европската Унија.