Долг

147

Кемал добива опомена од адвокатска канцеларија овластена од комуналното претпријатие дека доколку не склучи договор за плаќање на потрошена вода и комунални услуги до крајот на тековниот месец и не го плати долгот од неколку илјади денари направен во текот на последните 18 месеци ќе биде даден на суд и ќе биде изложен на судски и трошоци за извршување.

  • Како да постапи и кои права ги има Кемал како олеснувачки при склучувањето на договорот?

Согласно Законот за облигациони односи Кемал може да се повика на застареност на дел од долгот и да се согласи да склучи договор за плаќање само на долгот направен за последните 12 месеци. Согласно законот (член 367 т 1) за една година застаруваат побарувањата за испорачана електрична и топлинска енергија, гас, вода, за оџачарски услуги и за одржување на чистота кога испораката односно услугата е извршена за потребите на домаќинството.

  • Во кои случаи не важи застареноста и на што треба да се внимава?

Писменото признание (потпишување на договорот за 18 месеци) на застарената обврска (долгот за 6 месеци) се смета како откажување од застареноста. Ако се плати застарена обврска нема право да се бара она што е наплатено дури и ако должникот не знаел дека плаќа застарена обврска. Со застарување на главниот долг застаруваат и споредните побарувања како камати и трошоци или договорна казна.

  • Кои се правата на Кемал ако сепак биде утужен за вкупниот  долг ( за 18 месеци)?

Согласно Законот за облигационите односи општо правило е дека со застареност престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската. Меѓутоа особено треба да се внимава на тоа дека ако доверителот поведе судска постапка за целиот долг односно и за застарениот долг, Кемал како должник мора да се појави на суд и да изјави дека не се согласува да го плати застарениот долг од 6 месеци односно дека е согласен да плати само 12 месеци од денот на поднесување на тужбата, затоа што согласно законот судот нема да ја зема предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа.

  • Каде Kемал, доколку чувствува потреба и правна несигурност, може да се обрати за да добие правна помош?

Согласно Законот за бесплатна правна помош кај подрачните одделенија на Министерството за правда или кај овластените здруженија за давање на бесплатна правна помош, исто така Кемал може да се обрати кај здруженијата кои обезбедуваат параправна помош, Правната клиника при Правниот факултет во Скопје или здруженија кои работат на правно зајакнување.