Се одржа првата креативна акција

На 28 декември 2022 година се одржа првата од четири креативни акции кои се подготвени во рамки на проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“. Креативната акција беше поттикната од деценсискиот проблем на жените од Шуто Оризари, недостигот на матичен гинеколог. Имено, во минатите 10 години недостигот на матичен гинеколог во Шуто Оризари го доведува во опасност репродуктивното здравје на сите жени во оаа општина. За жал сите апели и застапувања на здруженијата придонесоа само кон привременеи решенија без притоа да се изнајде трајно решение и гинеколог кој ќе им биде на располагање на жените постојано.

Последните застапувачки активности на здруженијата беа успешни и беше избран доктор кој својата работа ќе ја продолжи во Шуто Оризари на долг рок. Токму затоа произлезе потребата од организирање на креативна акција за да му с епомогне на докторот во промоција со цел што е можно поголем опфат и информирање на жените дека имаат можност да изберат матичен гинеколог во нивната општина.

Креативната акција се одвиваше низ целата општина, преку вклучен разглас емитуван од автомобил, кој постојано се движеше. На разгласот се емитуваше дијалог помеѓу снаа и свекрва за новиот гинеколог и важноста на превентивните гинеколошки прегледи без разлика на возраста на жената. Креативната акција заврши со обраќање на неколку жени, параправнички кои упатија апел до жените да го изберат гинекологот во нивната општина како матичен доктор.

Креативната акција е организирана во рамки на проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност –Станица П.Е.Т. финансиран од Европската Унија.