Кои права на Линда се прекршени и каде може таа да се обрати за да се заштити?

Запознајте ја Линда. Таа го напушта сопругот кој физички ја малтретира. Но, тој останува да живее во заедничкиот стан, оставајќи ја на улица додека трае бракоразводната парница.

  • Кои права на Линда се прекршени и согласно кои закони?

Согласно Законот за сопственост и други стварни права Линда заедно со својот сопруг живеела во стан стекнат во брак и воедно тој стан се смета за заеднички имот и таа има подеднакво право на користење на истиот како и нејзиниот сопруг. На овој начин повредено е нејзиното право на сопственост.

  • Каде Линда може да се обрати за да се заштити од својот сопруг? Која е постапката?

Жртвата на семејно насилство може да го пријави случајот и сторителот во полициска станица (лично или да побара помош на 192), во Центар за социјална работа, невладина организација или на националната бесплатна мобилна СОС телефонска линија 070/075/077 141 700, како и на 02/ 15 700 и 02/ 15 315.

Центарот за социјална работа е должен да започне постапка веднаш,  а најдоцна во рок од 24 часа  од добиеното сознание должен е да  преземе  мерки за  заштита на жртвата. Центарот за социјална работа,  постапката ја започнува  по добиено сознание дека над лице е сторено семејно насилство, по службена должност, по барање на жртвата, по пријава од физичко лице,  службено  лице,  институција и здружение.

Во случаи кога како жртва се јавува дете или лице кое не е во состојба да се грижи за себе или лице со ограничена или одземена деловна способност, Центарот презема мерки за заштита,  без оглед дали постои согласност на родителот или старателот.

Полициски службеник, секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и  сериозна опасност по  животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај  веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот.

Полицискиот службеник е должен во рокот од 12 часа до надлежниот  суд  да достави предлог за изрекување на привремена мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски  извештај, изготвен од полицискиот службеник. Во истиот рок од 12 часа должен е да го извести надлежниот центар за социјална работа заради  преземање на мерки за заштита на жртвата. Полициски службеник ја придружува жртвата во станот или друг простор каде жртвата живее, кога е потребно  да ги  земе личните работи кои се неопходни за секојдневниот живот.

  • Кој имот на брачните другари се смета за заеднички?

Заеднички имот е стекнатиот имот во текот на бракот и тоа е законски имотен режим законски определен и брачните другари не можат да се договорат во нивниот брак да важи поинаков правен режим од оној што е регулиран со одредбите на Законот за сопственост и други стварни права

  • Како се поведува бракоразводна постапка?

Бракоразводна постапка се поведува со тужба до надлежен суд.

  • Кои се привремените мерки за заштита на жртвата на семејно насилство?

Центарот за социјална работа  ги презема следниве мерки за заштита на жртвите: 1) сместување во центар за лица – жртви на семејно насилство; 2) соодветна  здравствена заштита; 3) соодветна психо – социјална интервенција и третман; 4) психо – социјален третман во советувалиште; 5) помош на семејството за редовно школување на дете; 6) правна помош и застапување, и  7) економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.

Заради запирање на насилството, отстранување на последиците од извршеното насилство и преземање на ефикасни мерки кон сторителот на насилството, заради елиминирање на причините за вршење на  натамошно семејно насилството, на сторителот на семејното насилство може да му се изречат следниве привремени мерки за заштита:

1)   забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство; 2) забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со член на семејството, директно или индиректно; 3) забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството; 4)  отстранување од домот без оглед на сопственоста, 5) забрана да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено; 6) задолжително да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството; 7)  задолжително законско издржување на семејството; 8)  задолжително да посетува соодветно советувалиште; 9) задолжително лекување на сторителот, доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување; 10) задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејното насилство и 11) изрекување на која било друга мерка која судот ќе ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добросостојба на другите членови на семејството.

Овие привремени мерки за заштита од семејно насилство ги изрекува во соодветна судска постапка надлежен суд по предлог на жртвата или, по нејзино барање и со нејзина согласност, по предлог на Центарот за социјална работа. Овие мерки можат да  траат најмалку 3 месеци до најмногу една година и може да се бара нивна измена, укинување или продолжување доколку насилството и понатаму продолжи.

video
Comments (0)
Add Comment