СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

14

Завршна конференција на проектот

 „Пристап до правда за најмаргинализираните“

На 30 септември 2021, се одржа завршната конференција на проектот “Пристап до правда за најмаргинализираните” во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерските организации Станица ПЕТ и ХОПС. Проектот беше финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија беше имплементиран во периодот од јануари 2020 до октомври 2021 година.

Воведни обраќања на настанот имаа г-н Фрик Јанмат, Раководител на одделението за економски развој, владеење на правото и јавна администрација при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-н Бојан Маричиќ, Министер за правда на Република Северна Македонија и г-а Фани Каранфилова–Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија

ФРИК ЈАНМАТ нагласи дека пандемијата со КОВИД-19 го направи овој проект уште порелевантен нагласувајќи ги потребите за пристап до правда за најмаргинализираните кои беа диспропорционално повеќе погодени од здравствена криза. Пристапот до правда е еден од најважните елементи на владеењето на правото, е основно право и е начин како да се пристапи до други темелни права. Затоа и пристапот до правда е важен елемент кој се разгледува во процесот на пристапување кон ЕУ. Врзано со бесплатната правна помош Јанмат нагласи дека Законот сам по себе е првиот чекор, кој е особено важен и ќе обезбеди ефикасна правна помош за граѓаните, но секако имплементацијата мора да следи како и мониторингот, како би се можело да се измери импактот кој ќе го има истиот. Тој посочи дека иако сѐ уште се среќаваме со предизвици, силна заложба од страна на институциите како и на граѓанското општество, ќе биде неопходна за да се одржува и надградува системот за пристап до правда за најмаргинализираните.

БОЈАН МАРИЧИЌ истакна дека правдата не е вистинска, доколку не е достапна за сите подеднакво. „Затоа минатата година судските такси беа намалени за осум пати, а од Октомври 2019 во сила е и бесплатната правна помош со што се предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош за најранливите“. Со тоа, граѓаните кои се во незавидна финансиска положба, можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни канцеларии и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството. „ Минатата година преку подрачните канцеларии вкупно 2727 лица добиле примарна правна помош и тоа говори за потребноста на оваа мерка.“ нагласи Министерот.

ФАНИ КАРАНФИЛОВА–ПАНОВСКА посочи дека проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ претставува континуитет на заложбите на Фондацијата Отворено општество – Македонија за унапредување на пристапот до правда за маргинализираните заедници, кои се во фокусот на работата на ФООМ години наназад. Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 покажа и колку е важна и неопходна правната и параправната помош за граѓаните, а особено за најмаргинализираните. Во рамки на проектот беа обезбедени повеќе од 5.000 услуги за најранливите граѓани – оние кои ги изгубија работните места да ги остварат правата, граѓаните кои се соочија со дискриминација и системско кршење на човековите права, на жртвите на семејно насилство, како и на граѓаните кои имаа потреба од остварување на социјалните, имотните и други права. Фондацијата Отворено општество – Македонија и понатаму ќе продолжи со поддршка за пристап до правдата и правно зајакнување на најмаргинализираните заедници, истакна Каранфилова-Пановска.

На завршната конференција беа презентирани постигнатите резултати на проектот и најчестите прекршувања на човековите права во време на пандемија, а и се разговараше за Законот за Бесплатна правна помош и Целта за одржлив развој 16.3 на национално ниво.

Извештајот за примената на Законот за бесплатна правна помош можете да го прочитате на следниот линк https://bit.ly/3kuevfR.